Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) ги информира потрошувачите дека операторот со храна АЛМА М, врз основа на издадено решение од АХВ, од пазарот врши итно повлекување и отповикување небезбедни производи, односно сладоледи, поради утврдено зголемено присуство на етилен оксид.
Од пазарот се повлекуваат сладоледот KIT KAT на стапче со потекло од Франција, сладоледите „милка ванила“ и „чоколадо“ на стапче“ со потекло од Полска и сладоледот „милка чоколадно со лешник“ на стапче од Полска.
Причина за повлекување на сите сладоледи е дека претставуваат небезбеден производ поради присуство на етилен оксид кој е потенцијален ризик по здравјето на луѓето.
„Горенаведените производи, во количина од 3.080 литри и 30.064 парчиња, при контролата од инспекциските служби на АХВ затекнати се во магацинот на увозникот. Небезбедниот сладолед е ставен под службен надзор, односно забрането е негово ставање во промет“, соопшти АХВ.
АХВ апелира до потрошувачите што ги имаат купено горенаведените производи со сериски број/лот да не ги јадат и да ги вратат на местото од каде што ги купиле или да ги уништат.